Луѓето секојдневно се здобиваат со знаења, а тоа се случува секогаш и секаде. Секое здобиено искуство води до нова вештина, знаење и/или компетенција. Иако учењето вообичаено се одвива преку формалното образование, што секогаш е организирано, планирано и со јасно дефинирни цели, голем дел од знаењето се стекнува преку неформалното или пак информалното образование. Информалното знаење честопати се поистоветува и со стекнатото искуство од секојдневниот живот.
За лицата, пред се возрасните, кои се надвор од формалниот образовен систем или системот на неформални обуки, знаењата и вештините стекнати дома, на работното место или пак од секојдневното искуство, се многу поважни, порелевантни и позначителни понекогаш дури и од знаењето стекнато во формалното образование. Во земјите на Европската Унија ЕУ но и глобално се повеќе расте свесноста дека информалното знаење претставува богат извор на човекови вредности, т.е. капитал кој треба да се вреднува. Затоа, препознавањето и валидирањето на РЕЗУЛТАТИТЕ од неформалното и информалното учење, ги прави човековите знаења, способности и компетенции повидливи, а оттаму и повредни.
Во рамките на Центарот за менаџирање на знаење и вештини е развиена и се имплементира Методологија на процесот на препознавање на претходни знаења и вештини, како алатка за вреднување на неформално и инфромално стекнатите знаења во широк мултидисцилплинарен спектар на професии и занимања.
Специфичните цели на процесот на препознавање и валидирање на неформалното и информалното учење се:
- вреднување на неформалното учење стекнато на работното место или преку соодветни обуки, програми и курсеви, преку поврзување (споредување) со резултатите од учењето со компетенциите за одредено занимање дефинирани во Националната рамка на квалификации и стандардот на занимање;
- создавање на врска меѓу неформалниот процес на учење во кој индивидуите се веќе вклучени и формалното образование;
- воспоставување корелација меѓу личниот и професионалниот развој на ученикот и создавање јасна врска помеѓу знаењето што е веќе постигнато и идните можности за учење;
- идентификување знаења и вештини, што се заеднички за различни видови и степени на учење и за различни работни средини и обезбедување нивна преносливост.