contact@ks.org.mk

Сертификати за проектирање и инсталирање на одржливо енергетски ефикасно градење

Сертификати за проектирање и инсталирање на одржливо енергетски ефикасно градење

На 17 септември 2019 година во Стопанската комора на Македонија, како резултат на успешно спроведени пилот-обуки во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење – ТРАИНЕЕ“, беа доделени сертификати за проектирање и инсталирање системи за користење енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) во градби.

Целта на обуките за проектирање и инсталирање системи за користење енергија од ОИЕ во градби беше континуирано подобрување на вештините на градежните работници (инсталатери) и инженери (проектанти) за градење енергетски ефикасни објекти. Вкупното траење на обуките беше 80 часови настава, организирани така што 30% од часовите беа наменети за теоретска настава, 60% од часовите беа организирани како практична и теренска настава и 10% за евалуација на знаењето.

Настанот го отвори Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија, воедно и координатор на Проектот „ТРАИНЕЕ“, која ги поздрави присутните и истакна дека главна цел на Проектот е подобрување на вештините на градежните професионалци – архитекти, инженери и градежни работници за градење на енергетски ефикасни објекти.

Д-р Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката при Стопанската комора на Македонија, посочи дека потребата од обучен и сертифициран кадар во областа на примена на енергија од ОИЕ е неминовна и според одредбите на ревидираната Директива за обновливи извори на енергија 2018/2001 / ЕУ.

-Земјите-членки треба да обезбедат шеми за сертификација или еквивалентни шеми за квалификација достапни за инсталатери на котли и печки за биомаса, сончеви фотоволтаични и топлински системи, плитки геотермални системи и топлински пумпи. Овие шеми може да ги земат предвид постојните шеми и структури, како што е соодветно, и да се засноваат на критериумите утврдени во Анексот IV од оваа Директива. Секоја земја-членка ќе го признае сертификатот доделен од други земји-членки во согласност со тие критериуми. Земјите-членки гарантираат дека шемите за сертификација или еквивалентните шеми за квалификација за инсталатери ќе бидат достапни за јавноста. Земјите-членки, исто така, треба јавно да го објават списокот на инсталатери кои што се квалификувани или овластени во согласност со претходниот став, – додаде д-р Јаневски.

Проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, нагласи дека станува збор за сериозна обука каде што наставата практично се одвиваше на макети на фототермал и фотоволтаични системи. На тренинзите се користеше лиценциран софтвер каде што учесниците имаа ретка можност да се запознаат со основите на дизајнирање и преку нив изведоа конкретни проектни задачи.

Обуките беа организирани во 2 одделни модула на 2 квалификациски нивоа и тоа:

Модул 1: Проектирање и инсталирање на сончеви термални колекторски системи, на две нивоа: за работници (инсталатери) и инженери (дизајнери) и

Модул 2: Проектирање и инсталирање на фотоволтаични системи на две нивоа: за работници (инсталатери) и инженери (дизајнери).

Од вкупно 129 пријавени учесници, 115 ги посетија обуките, а од нив завршниот испит успешно го положија 72 учесници, од кои 49 инженери и 23 техничари/инсталатери.

Проектот „ТРАИНЕЕ“ е дел од Повикот за енергетска ефикасност 2014-2016, во рамките на Програма „Хоризонт 2020“ и се спроведува од Стопанската комора на Македонија како координатор во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните – Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) – Академијата БИМ од Шпанија.

Дата

17 Сеп 2019
Категорија